Љума: Не ја злоупотребувајте водата за пиење
Немањето на вода за пиење во некои делови од градот не доаѓа како последица од намалувањето на изворите во резервоарите туку како последица од злоупотреба на водата за пиење од страна граѓаните, изјави на една прес конференција директорот на ЈКП, Хасан Љума.
“Ја искажуваме нашата загриженост за нередовното снабдување со вода за пиење во сите делови од градот. Мислиме дека ова не доаѓа како последица од намалување на изворите , туку како последица од злоупотребување на водата за пиење од страна на граѓаните кои ја употребуваат водата за непримарни цели“, рече Љума.
Според него , за разлика во истиот пероиод минатата година , оваа година изворите во резервоарите се поголеми за 150 литри во секунда.“Изворите моментално од 400 литри во секунда се доволни за редовно снабдување со вода за пиење.Проблемот за немање на вода за пиење е енормното трошење во овој период од годината. Ова доаѓа како последица на злоупотребување на водата и затоа ги повикуваме граѓаните да не ја трошат водата за пиење за вадење, чистење на просторите пред домовите и дуќаните, чистење на автомобилите и др.“, рече Љума.
Според него, како последица од немање на вода за пиење од денес ќе започне рестрикција од 16:00 до 17:30 часот и насабајле од 4:00 до 5:30, а ако и понатаму граѓаните продолжат со злоупотреба на водата за пиење времето на рестрикцијата ќе се зголеми.
“Со оваа прес конференција сакаме да пренесеме порака и да ги замолиме граѓаните да ја чуваат водата за пиење затоа што само вака може да се гарантира редовно снабдување“, рече Љума.
Тој исто така најави дека ЈКП“Тетово“ во соработка со Противпожарната единица во три групи ќе започне со чистење на улиците во градот со техничка вода.Ова ќе биде еден обид за спречување на злоупотреба на водата за пиење од страна на граѓаните.